Ракометарите на Е. Пелистер триумфално ја завршија оваа 2025 година откако во последниот декемвриски меч славеа над Тиквеш со убедливи 29-21. Битолчани го оставија зад себе разочарувачкиот пораз во Охрид, одиграа на посакуваното ниво и рутински ги освоија бодовите со кои ја продолжуваат трката за највисок пласман во Супер-лигата.
Гостите од Кавадарци добро парираа во текот на првото полувреме, во голем дел беа и подобар ривал на теренот, за момент водејќи со 6-9 пред „пелистерци“ конечно да се разбудат, да додадат гас во својата игра и до крајот на полувремето да го свртат резултатот во своја полза (12-10).
Вториот дел почна со серија од 5-1 на битолчани за нецели девет минути, отпорот на гостинскиот тим беше целосно скршен (17-12), предноста се зголемуваше до самиот крај и Пелистер заслужено славеше со убедливи 29-21.
Хакбарт беше прв стрелец со седум гола, Кузмановски и Петар Атанасијевиќ постигнаа по четири, додека кај Тиквеш најефикасен беше Јан Тајник со четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

