Кошаркарите на Пелистер ќе бидат единствените претставници во европските купови во новата сезона, а битолскиот тим утре ги дознава противниците за квалификацискиот турнир во ЛШ, кој ќе се игра на крајот од септември.
Патот до ЛШ е тежок, со оглед дека се играат три квалификациски турнири со осум екипи, на кои само трите победници обезбедуваат учество во групната фаза.
И да доживее елиминација тимот на Пелистер, ќе продолжи во ФИБА Европскиот куп.
ФИБА денеска ги објави шеширите во пресрет на утрешната ждрепка, делејќи ги тимовите на оние кои ќе играат квалификации како прваци на своите земји (вкупно осум, во борба за едно место) и оние, меѓу кои и Пелистер, кои преку барање за учество во квалификациите до ФИБА добија можност да бидат дел од ова натпреварување. Вкупно 16-те вакви клубови ќе бидат поделени во два турнира од по осум екипи, од кои само победниците на турнирите ќе се пласираат во групната фаза.
„Зелено-белите“ се во четвртиот шешир заедно со Порто, Љубљин и Дерби, три екипи, од кои една ќе биде дел од турнир во кој ќе бидат извлечени и „пелистерци“.
Она што ФИБА однапред го објaви, екипите од четвртиот шешир за противник во четвртфиналето имаат член на првиот шешир, што би значело дека Пелистер за прв противник во овие квалификации ќе има еден од следните тимови: ПАОК (Грција), Мурсија (Шпанија), Реџана (Италија) или Фалко (Унгарија).
Квалификациите за Лигата на Шампионите ќе се играат на почетокот од месец септември, а ФИБА во текот на јули ќе ги објави целокупните распореди, заедно со екипите – домаќини на секој од турнирите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

