Пелистер верува во чудо, но и бара поддршка од навивачите

Кошаркарите на Пелистер вечерва во 19 часот (сала Боро Чурлевски во Битола) го играат првиот домашен меч од четвртфиналната серија од плејофот со Работнички. Првите два меча завршија со разочарувачки исход за „зелено-белите“, па во денешниот дуел се влегува со негатива од 0-2.

Колку што е големо разочарување, толкава е и решеноста меѓу кошаркарите на Пелистер со триумф вечерва да докажат дека се многу поквалитетен тим од она што го покажаа на претходните две средби. Токму затоа, тие и гласно упатија апел до битолската публика да дојде во што поголем број и да им даде поддршка во обидот да направат целосен камбек и пресврт во оваа четвртфинална серија.

„Знаеме за што сме способни, знаеме дека можеме да играме многу подобро од она што го прикажавме во Скопје. Подготвени сме да го докажеме тоа на нашиот терен во Битола, но нема сомнеж дека ќе ни биде потребна и голема помош од трибините. Навивачите отсекогаш биле наш шести играч, вечерва нивната помош ни е попотребна од било кога досега. Дојдете да ни дадете поддршка, а ние ќе возвратиме со добра игра, за на крајот заедно да се радуваме на победата“, порачуваат „пелистерци“ во пресрет на овој дуел.

Последниот убедлив пораз донесе и тренерска смена, а по заминувањето на Трајковиќ улогата на предводник на стручниот штаб му е доделена на неговиот асистент Дејан Илиевски, битолскиот стратег кој многу добро ги познава приликите во клубот, но и самите квалитети со кои располага овој играчки ростер.

„Секако дека веруваме во камбек, тоа е составен дел од спортот, а кога играте дома, пред навивачи како нашите, нормално дека очекувате да победите. Работнички е тим што поседува квалитет, ривал што го почитувам, но верувам дека ако одиграме во рамките на нашите можности ќе славиме в среда. Резултатот е 0-2, но ние не гледаме далеку, фокусирани сме само на утрешниот натпревар, да славиме и да ја преполовиме негативата, потоа ќе мислиме на се што ќе следи“, истакнува новиот тренер на „пелистерци“.

Се вчитува...