Пелистер ги остави зад себе разочарувањата од стартот на сезонава, па актуелниот вицешампион успеа да врзе две победи во низа, и тоа против силни и незгодни противници. Откако пред неколку дена го зеде скалпот на шампионот МЗТ Скопје, тимот на тренерот Радуловиќ вечерва беше подобар и од Еуро Никел, и тоа на „жешкиот“ терен во Кавадарци, со резултат 60-66. „Пелистерци“ апсолутно го заслужија триумфот ако се знае дека беа подобар противник во голем дел од мечот, го контролираа резултатот и стигнаа до бодовите во салата „Јасмин“.
Битолчани тргнаа фуриозно, па по само неколку минути игра поведоа со 2-10, а потоа имаа и двоцифрено водство уште во првата четвртина (8-18). Овој дел од мечот заврши со водство на Пелистер од 13-20, а Еуро Никел успеа да се приближи на само два поени предност до крајот на полувремето (41-43). Кавадарчани за момент стигнаа и до минимално водство во третиот период, но тоа е се што успеаја да сторат, бидејќи Пелистер набрзо се врати во посакуваниот ритам. Битолчани со поените на Костоски и на Бернард ја завршија третата четвртина со водство од 45-50, потоа преку Магдевски и Хот на самиот старт од последниот период ја зголемија предноста на 45-54, трасирајќи си го патот до заслужената победа, на крајот изразена со конечните 60-66.
Бернард со 17 поени, осум скока и шест асистенции беше најдобар поединец и во овој меч на Пелистер, а двоцифрен ефект имаа и Лука Стојановски со 11 и Маслинко со 10 поени. Најефикасни во таборот на Еуро Никел беа Смит со 25 и Соколов со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА