Пелистер во драматично израмнет меч до триумф над Работнички

Во крајно драматичен натпревар, максимално израмнет во текот на сите четвртини, Пелистер триумфираше против Работнички со 88-85 во Првата македонска кошаркарска лига.

Работнички играше и со добар дел млади свои кошаркари, наспроти само шест од стандардните првотимци, но Пелистер во текот на сите 40 минути се мачеше да дојде до победата.

Битолчани ја добија првата четвртина со 23-20, а потоа се играше израмнето во вториот период со предност од четири до пет поени за домаќините. Сосема идентично беше и на крајот кога на 90 секунди пред крајот беше само 84-83 за Пелистер. Но „зелените“ успеаја во финишот да дојдат со серија од 5-0 и до 88-83, на крај и за конечна победа од 88-85.

Дејвис со 29 поени и девет скока беше најдобар кај Пелистер, а Малешевиќ заврши со 21 поен и пет скока. Митревски постигна 15 поени, а по 12 поени запишаа Стајиќ и Вилсон.

Кај Работнички, Петровски имаше 19 поени, Рикиќ беше извонреден со „дабл-дабл“ од 15 поени и 14 скока, плус и пет асистенции, а Робев имаше 17 поени и седум асистенции. Со 15 поени заврши Ефремовски, а 14 поени имаше Наков.

Се вчитува...