Самото доаѓање на Стевче Алушовски на функцијата шеф на стручниот штаб на Пелистер беше најава за многу посериозен проект за следната натпреварувачка сезона, во која битолчани ќе атакуваат на место што ќе значи излез во Европа. Иако овогодишниот шампионат се уште не е завршен, раководството на „пелистерци“ веќе преговара со засилувања за следната сезона, а „шопингот“ би требало да стартува со двајца крилни ракометари.
Владо Недановски и Никола Костески најверојатно ќе бидат првите играчи кои ќе потпишат договор со Пелистер во текот на летово, откако тренерот Алушовски и челниците на битолскиот клуб веќе ги „пикирале“ овие двајца ракометари како идеални засилувања. Недановски, кој до пред неколку години имаше и статус на репрезентативец, поголемиот дел од сезоната го мина во вториот тим на Вардар. Тој е подготвен за менување на клупските бои, слично како и Костески, кој има се помала минутажа во составот на Металург.
Со двајцата ракометари веќе е воспоставен контакт и договорите би можеле да бидат потпишани веќе на стартот од следниот месец, по што Алушовски би се фокусирал и на засилување на останатите позиции во тимот. „Јавна тајна“ е дека долгогодишниот репрезентативец сака да го врати голманот Никола Митревски, кој брани одлично во Бенфика, не се исклучува и враќањето на уште некој интернационалец од странство назад во Битола, како желба се споменува и Марко Нелоски, па јасно е дека „пелистерци“ составуваат тим со кој ќе атакуваат на излез во Европа,
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА