Пелистер во трилер-завршница несреќно загуби од Сутјеска (ФОТО)

Кошаркарите на Пелистер во трилер-завршница загубија од Сутјеска со 79-78 во десеттиот свој натпревар во АБА 2 лигата.

Битолчани не успеаја да дојдат до петтата победа во регионалното натпреварување, само поради несреќната завршница во која на една минута пред крајот имаа и предност против црногорскиот тим.

А, мечот почна лошо за Пелистер, со почетната серија за Сутјеска од неверојатни 12-0. Но, потоа „пелистерци“ комплетно се вратија во игра за веќе на полувремето да биде негатива од само четири поени (45-41).

Во израмнето второ полувреме, на крај кошаркарите на Сутјеска беа посреќни, при 78-78, реализирајќи едно слободно фрлање на 35 секунди до крајот за 79-78. Во последниот напад за Пелистер, Најт имаше шут за триумф на пет секунди пред сирената но не успеа да го погоди, за конечна победа на Сутјеска од 79-78.

Најдобар поединец кај Пелистер беше Планиниќ со „дабл-дабл“ ефект од 15 поени и 12 скока, а Магдевски исто така беше одличен со 17 поени и три асистенции. Во победничкиот тим на Сутјеска се издвоија Вујовиќ и Митровиќ со по 14 постигнати поени.

Се вчитува...