Ракометарите на Е. Пелистер прокнижија нови бодови на суперлигашката табела, откако како гости славеа против Пролет со рутински 25-31. Два дена по убедливиот пораз во Унгарија од Пик Сегед, македонскиот првак вечерва одигра рутински меч во кој без многу мака стигна до посакуваниот исход, иако домашниот тим одигра квалитетно прво полувреме.
Битолчани отворија со водство од 0-5, но Андреј Стојановски влезе во топ-серија за домашниот тим, постигнувајќи пет гола до половина од првиот дел, со што Пролет намали на 7-8. Пелистер пак се одлепи, на одмор замина со 11-14, а Пролет одржуваше резултатска неизвесност до 13-15, по погодоците на Палевски и на Стоилевски. Остатокот од мечот сепак мина во знакот на поквалитетниот противник, Пелистер во 42. минута преку Кузмановски поведе со 15-23, решавајќи ги сите дилеми околу победникот, по што рутински го приведе мечот до крај и конечните 25-31.
Дејан Манасков беше прв стрелец на шампионот со осум погодоци, шест постигна Радивојевиќ, додека на спротивната страна најдобар поединец беше Андреј Стојановски со девет погодоци, додека младиот Симовски постигна пет гола за Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

