Пелистер е вториот полуфиналист во Купот на Македонија што се игра во Гевгелија откако битолчани славеа на денешниот дуел со Чаир со резултат 76-72. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека „зелено-белите“ одиграа квалитетно во големи делови од мечот, водеа од почеток до крај, успевајќи да одолеат на завршниот притисок на Чаир. Новото засилување Гамбрел беше клучен играч, а последните поени за победа ги постигна Лука Стојановски, први за него во четвртфиналето, но постигнати на десет секунди до крајот за конечните „плус четири“ за Пелистер.
Пелистер беше подобар противникот од самиот старт, битолчани отворија со 10-2, а откако Чаир намали на 10-9 следеше тајмаут на Трајковиќ и нова серија на „зелено-белите“. Мишковиќ беше незапирлив во овој дел од мечот со 12 поени во стартната четвртина, што Пелистер ја доби со 25-20. Гамбрел и Мишковиќ беа во главна улога и во вториот период, во кој „зелено-белите“ имаа контрола над резултатот и на одмор заминаа со 41-36, по тројката што Ролинс ја постигна на крајот од втората четвртина.
Третиот период донесе одлична кошарка во која двата тима имаа свои периоди, Пелистер одлично отвори и предводен од Гамбрел поведе со 12 поени разлика, но Чаир возврати на идентичен начин. Мофит самиот ја зеде топката, постигна девет поени во серија и скопскиот клуб се врати, па со забивањето на Кели намали на само два поени негатива на крајот од третата четвртина (62-60).
Двата тима се мачеа во нападот во почетните минути од четвртиот период, но затоа се влезе во серија реализации во финишот, најпрвин прецизен беше Костоски, возврати Мофит, но Гамбрел погоди уште еден важен шут од далечина, носејќи водство на Пелистер од 74-72 на 90 секунди до крајот. Чаир не реализираше два напада во низа, по што Лука Стојановски со извонредна антиципација по офанзивен скок стави печат на победата на Пелистер, на крајот изразена со конечните 76-72.
Мишковиќ со 23 поени и 11 скокови беше најдобар поединец кај Пелистер, Американецот Гамбрел дебитираше со 20 поени во дресот на битолчани, а најефикасни кај Чаир беа Кели и Мофит со по 24 поени.
Противник на Пелистер во полуфиналето ќе биде подобриот од вечерашниот дуел меѓу вечните ривали Работнички и МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА