„Пелистерци“ без одговор за Нексе – втор пораз во СЕХА

Еурофарм Пелистер го претрпе и вториот пораз на стартот од новата сезона во СЕХА-лигата, губејќи на гостински терен против Нексе со резултат 29-25. Македонскиот вицепрвак беше во негатива од почеток до крај, иако имаше и позитивни моменти, очигледни беа преголемите осцилации во играта, нешто што битолчани ќе мора да го корегираат ако сакаат да се надеваат на позитивни резултати во СЕХА, но и на трофеи на македонската ракометна сцена.

Дуелот почна со промашен пенал на Хенеберг за Еурофарм Пелистер, по што Нексе од почеток ја презеде контролата над резултатот. Хрватскиот вицепрвак набрзина поведе со 3-1 и 4-2, „пелистерци“ преку Радовиќ и Костески стигнаа до 4-4, а неколку минути подоцна имаа и израмнети 6-6. Одбраната беше далеку од посакуваното ниво, ниту голманите на битолчани немаа свој ден, а Нексе знаеше како да го искористи тоа и да поведе со 9-6. Доминацијата на домашниот состав продолжи до пред самиот крај на полувремето, откако Нексе поведе со 15-10, за Еурофарм Пелистер во завршната минута да намали на 15-12.

Битолчани на самиот старт од второто полувреме намали на 15-13, а потоа не реализираше и напад за „минус еден“. Нексе се разбуди и повторно заигра сигурно во нападот, а „пелистерци“ не искористија ниту ситуација кога имаа двајца играчи повеќе на терен за да ја намалат посериозно негативата. Пелистер за момент намали на 18-16, имаше и нереализиран напад за 18-17, за веднаш потоа да добие две исклучувања во наредната акција на противникот, по што Нексе повторно додаде гас и набрзина стигна до 21-16. Валтер побара тајмаут, но наместо камбек следеше зголемување на водството на Нексе, кој набрзина стигна и до „плус седум“ (23-16).

Еурофарм намали на 23-18, резултат при кој Костески не реализираше зицер од контранапад. Битолчани заиграа нешто подобро во одбраната, домаќините почнаа да грешат, па македонскиот вицешампион успеа да ја намали негативата на 23-20, со пеналот на Радовиќ во 49. минута. Проблемите се појавија откако при 23-21 судиите повторно го оставијЕурофарм Пелистер со двајца играчи помалку, најпрвин исклучен беше Кукоски за груб старт, а веднаш потоа и Радовиќ за приговор. Благодарение на Кизиќ „пелистерци“ останаа во живот, па на седум минути до крајт повторно беа на „минус два“ (24-22). Нексе стигна до 26-22, а Еурофарм последната шанса за камбек ја упропасти со големото промашување од контранапад на Петар Атанасијевиќ при 26-23. Нексе беше подобар ривал во самата завршница, поведе со 28-23, на крајот триумфирајќи со конечни 29-25.

Радовиќ беше најефикасен со пет гола од пет обиди, сите од пенал, четири постигна Костески, а по три Хосни (3/5) и Хенеберг (3/8).

Еурофарм Пелистер во следното коло закажано за 2 март во првиот домашен меч сезонава ќе ја пречека Војводина, во обид да се одмазди за поразот во Нови Сад и да ја забележи првата овосезонска победа во регионалното натпреварување.

Се вчитува...