„Пелистерци“ ги чека пекол во Куманово – Докузовски верува дека навивачите се силен адут за пат кон полуфинале

МКК Куманово е во улога на домаќин на завршниот турнир од Купот на Македонија кој стартува утре со четвртфиналните пресметк.

Првиот четврфинален предизвик за кумановци е екипата на Пелистер. Шефот на стручниот штаб Марин Докузовски не го крие задоволството што завршницата на ова натпреварување ќе се игра токму во Куманово.

„Многу ми е драго што овој турнир ќе се одржи токму во Куманово затоа што сите знаеме дека тоа е град на кошарката. Горд сум што сум дел од овој проект, затоа што и сами знаете пред некоја година бевме во Втората лига, а сега сме во најдобрата лига и ја добивме завршницата на Купот. Имавме лош месец затоа што имавме доста проблеми и не трениравме на највисоко ниво, но, сепак, се консолидиравме. Ние сме домаќини и се надевам дека со помош на верната публика, иако притисокот ќе биде на наша страна, ќе имаме адут од публиката. Сакаме да победиме уште во првиот натпревар, а што ќе биде понатаму ќе видиме“ – вели Докузовски.

Играчот на МКК Куманово, Ѓорѓи Ѓорѓиевски чувствува дополнителна мотивација пред почетокот на натпреварите во спортската сала во Куманово:

„Пред се, голема чест и задоволство е што Купот се игра во нашата сала, во нашиот град, пред нашата публика. Тоа ни дава екстра мотивација. Ние сме спремни, фокусирани. Не очекува тежок меч со добар ривал, составен од одлични играчи, но се надевам дека ќе дојдеме до нашата цел. Ја повикувам публиката да биде наш шести играч, а ние ветуваме дека ќе се бориме да дојдеме до посакуваната цел“.

Пред сериозен предизвик ќе бидат секако и кошаркарите и стручниот штаб на битолски Пелистер.

„Поздрав до сите љубители и чинители на кошарката, Дозволете ми да го изразам своето големо задоволство што сме овде и воопшто дел од овој завршен турнир. Пред нас е еден навистина тежок натпревар каде што играме против домаќинот. Тим кој што е составен од одлични поединци, врвен тренер и голема поддршка од навивачите, што за нас ќе биде голем предизвик бидејќи играме против, во овој натпревар и во овие констелации, фаворит. Меѓутоа она што можам да го ветам на нашите навивачи е дека ќе се бориме буквално до последната секунда“ – вели предводникот од клупата на Пелистер, Борче Даскаловски.

Дамјан Крстевски ќе ги чека своите минути на средбата со кумановските „сино-бели“.

„Ни следи тежок Куп-натпревар против Куманово на нивни терен. Знаеме каква публика има овде и каква е таа енергија. Мислам дека сме добро подготвени, ќе дадеме се од себе и очекувам да бидеме победници на крајот“.

Се вчитува...