„Пелистерци“ го совладаа Прилеп, но сега ќе чекаат услуга од Алкалоид

Ракометарите на Е. Пелистер триумфално го завршија настапот во Супер-лигата откако вечерва на гостински терен го совладаа Прилеп со убедливи 22-35. „Зелено-белите“ сепак ќе почекаат да видат дали како првопласирани ќе влезат во плејофот, ако се знае дека за тоа ќе им треба победа на Алкалоид на Охрид во последниот меч од оваа рунда. Триумф на Алкалоид ќе значи дека Пелистер ќе заврши пред Вардар и „сино-белите“ од Алкалоид во ситуација кога трите екипи би биле со ист број бодови.

Сепак, доколку тимот на Кире Лазаров не успее да стигне до победата, тоа ќе значи дека Вардар и Е. Пелистер би имале ист број бодови, а „црвено-црните“ поради подобриот меѓусебен скор би биле први и би имале бод повеќе во однос на ривалите на стартот од плејофот.

Денешниот меч во Прилеп очекувано мина во апсолутна доминација на битолчани, актуелниот првак прашањето на победникот го реши уште во првото полувреме што го доби со убедливи 8-18. Убедливото водство му овозможи на тренерот Алонсо да им даде шанса на сите ракометари, предноста беше рутински задржана и „пелистерци“ на крајот славеа со конечни плус 13.

Цветан Кузманоски со пет гола беше најефикасен во победничкиот тим, четири постигна капитенот Филип Кузмановски, додека прв стрелец на Прилеп на дуелот со актуелниот првак беше Бикоски со четири погодоци.

Се вчитува...