Ракометарите на Еурофарм Пелистер останаа без триумф и во четвртиот дуел од Лигата на Европа, губејќи на гостувањето против Тримо Требње со резултат 28-24. Очајното издание во нападот е главната причина за овој неуспех, домашниот голман Томиќ бранеше одлично, но факт е дека „пелистерци“ играат далеку под очекувањата на управата по сериозните вложувања во текот на летото.
Битолчани уште од самиот почеток се соочија со огромен проблем во нападот, од првата минута разбранувајќи го домашниот голман. Ова придонесе Пелистер во првите 13 минути да постигне само два гола (4-2). „Фармацевтите“ за момент влегоа во ритам, во 16. Минута стигнаа и до прво водство од 4-5, резултат при кој промашија и зицер од крило.
Тримо знаеше како да го казни тоа, домашните ракометари возвратија со серија од 3-0, по што Бабиќ при „минус два“ на своите избраници беше принуден да побара тајмаут. Советите не беа доволни, не само што нападот продолжи да не функционира, туку почна да попушта и одбраната, па Словенците поведоа со четири гола разлика (12-8). Пелистер одигра фуриозни две минути и намали на 12-11, за на одмор да се замина со водство на домашниот тим од 14-12.
Првиот дел од второто полувреме мина во израмнета битка во која разликата на словенечкиот состав се движеше меѓу еден и два гола. Бабиќ не беше задоволен од она што го гледаше, па побара тајмаут во 47. минута при резултат 20-18 за Тримо. Битолските „фармацевти“ се обидоа и со „седум на шест“, но ниту тоа не вроди со плод, па во 53. минута домашните ракометари поведоа и со четири гола разлика (24-20). „Пелистерци“ беа крајно неорганизирани во нападот, голманот Томиќ продолжи со бравурозни интервенции, па Тримо заслужено стигна до триумф, оставајќи го македонскиот вицепрвак без победа и во четвртиот овосезонски дуел од Лигата на Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА