Еурофарм Пелистер триумфално ја стартуваше сезоната во македонскиот плејоф откако избраниците на Жељко Бабиќ вечерва рутински славеа на домашен терен над Стуга со резултат 28-18. Битолчани апсолутно ја оправдаа фаворитската улога, 60 минути ги контролираа и играта и резултатот, но дозволувајќи гостите ниту за момент да се понадеваат на изненадување во салата „Боро Чурлевски“.
Мандалиниќ и Велковски со голови во првите две минути ја најавија победата, а „пелистерци“ уште кон средината на првото полувреме имаа одлични „плус пет“ поведувајќи со 10-5. На одмор се замина со водство на битолчани од 14-9, а разликата се движеше околу пет гола се до завршните петнаесетина минути. Тогаш избраниците на Бабиќ додадоа „гас“, работите во свои раце ги презеде Периќ, кој постигна три гола во краток период и ја крена предноста на Пелистер до „плус осум“ (26-18). До крајот на мечот меѓу стрелците се запиша и Мараш, за конечни убедливи 28-18 за Еурофарм Пелистер.
Јосип Периќ беше главна фигура при овој триумф со осум погодоци, додека пет гола за победничкиот тим постигна пивотот Граџан. Во редовите на Струга најефикасни на денешниот меч беа Ракочија со седум и Николиќ со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА