Во таборот на Еурофарм Пелистер генерално гледано владее задоволство по добиените противници во ждрепката за групната фаза од Лигата на Европа, во која македонскиот вицепрвак за ривали ги доби бундеслигашот Фуксе Берлин, потоа шпанскиот состав Бидасоа Ирун, украинскиот првак Мотор Запорожје, како и португалскиот прволигаш Агуас Сантас и данскиот претставник Архус.
Јасно е дека Берлин ќе биде голем фаворит за првото место, но „пелистерци“ се надеваат на пласман понатаму, како и на атак на што подобар пласман пред нокаут фазата.
„Задоволен сум од ждрепката. Еден тим отскокнува од останатите, тоа е Фуксе Берлин. Останатите екипи можам да кажам дека се блиску до нашето ниво. Многу важно ќе биде да се заобиколат повредите, бидејќи ќе играме многу натпревари секоја недела. Ако сме здрави и ако продолжиме да напредуваме, имаме добри шанси да ја минеме групата. Архус има три искусни ракометари: плејмејкер, лев бек и пивотмен. Исто така имаат добар дефанзивец, а и одличен голман. Останатите се млади момци, многу трчаат и играат типично скандинавски ракомет. Тежок ривал се, играат убав тактички ракомет. Верувам дека публиката ќе ни помогне, бидејќи тука е многу тешко за играње за скандинавските екипи“, изјави тренерот Валтер.
Капитенот Мирко Радовиќ очекува жестоки битки во наредните месеци, а се очекува значаен адут на Еурофарм Пелистер и во оваа европска авантура да биде битолската публика.
„Тешко е да се прогнозира дали сме задоволни или не. Многу работи ќе се знаат овие две недели. За нас најбитно е да мислиме само на себе. Екипата напредува од ден на ден и играме да ја поминеме групата и да направиме чекор понапред во споредба со минатата сезона. Групата е исполнета со квалитетни екипи, знаеме што значи еден Фуксе Берлин, со Бидасоа Ирун игравме во Лигата на шампионите пред три сезони, Мотор го познаваме… Сите противници се за респект, но ние во оваа пеколна атмосфера имаме за што да се надеваме. Очекувам пласман во следниот круг, но не сакам да поставував цели. Треба да се спремиме за првиот натпревар и чекор по чекор, натпревар по натпревар“, истакна црногорскиот интернационалец во таборот на „пелистерци“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА