Ракометарите на Еурофарм Пелистер со нетрпение го очекуваат гостувањето во Данска и дуелот со ГОГ (вторник, 18.45 часот), што ќе биде прв официјален натпревар за битолскиот клуб сезонава. Одложениот старт на СЕХА-лигата го стори своето, поради коронавирус беше одложен и првиот меч од Лигата на Европа со Татабања, па избраниците на Жељко Бабиќ и покрај неколкуте одиграни контролни средби се уште се без официјален дуел со кој хрватскиот стратег би видел во каква форма се наоѓа неговиот тим.
„Имавме доста време да се подготвиме. Ни недостигаат натпревари и самото одложување на натпреварот против Татабања направи да патуваме во Данска без ниту еден одигран дуел. Тие се во натпр.еварувачки ритам, одиграа половина есенски шампионат и еден натпревар во Европа, во Швајцарија. Одиме да се натпреваруваме, се подготвуваме, не знаеме до каде сме сè уште“, изјави капитенот Градимир Чаневски.
Сличен е ставот и на Јосип Периќ, од кого ќе зависат многу работи во играта на битолскиот клуб.
„Сигурно дека нè пореметија откажувањата. Но, ние добро тренираме и се подготвуваме како секој ден да започнат натпреварите. Подготвени сме за 27 октомври и натпреварот против Данците. Спремни сме, желни сме за игра и тоа е најважно. Само ги чекаме натпреварите“, порачува Периќ во пресрет на дуелот со ГОГ.
Германските судии Фабиан Баумгарт и Саша Вајлд ќе ја делат правдата на дуелот меѓу ГОГ и Еурофарм Пелистер, а делегат на ЕХФ ќе биде Јорн Мелер Нилсен од Данска. За ГОГ Гудме ова е втор натпревар во групата Д, откако во првото коло данската екипа загуби од Кадетен Шафхаузен во Швајцарија со 29-28.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА