„Пелистерци“ пред Работнички: Не размислуваме за ривалот, туку како да играме добра кошарка

Кошаркарите на Пелистер вечерва против Работнички ќе стартуваат со официјални натпревари во новата 2026 година (19 часот, сала „Боро Чурлевски“ во Битола).

„Зелено-белите“ добро ја почнаа сезонава, но нешто послабите резултати во последните рунди од ланската година придонесоа Пелистер да падне на третото место на табелата.

Свесни дека потенцијалот на овој тим е за далеку подобри резултати, „пелистерци“ максимално мотивирани влегуваат во новата година, дополнително засилени со Американецот Џенкинс кој вечерва ќе дебитира за „зелено-белите“.

Работнички е ривал против кого битолчани имаат четири победи во низа, од кои последната особено убедлива, од 75-115 во Скопје, во првото коло од оваа сезона. Работнички пред тој дуел имаше проблеми со регистрирање  на новите играчи, слични главоболки скопскиот клуб има и во пресрет на денешното патување во Битола, но фокусот на „пелистерци“ воопшто не е насочен кон противникот.

„Она што ние сакаме да го направиме е да играме најдобро што знаеме, да бидеме фокусирани од првата до последната минута и да ги исполниме задачите дадени од стручниот штаб. Тоа е наш приоритет не само на овој, туку и на сите наредни натпревари, без разлика дали играме со Работнички или со било кој друг ривал од елитното друштво во мак-баскетот. Знаеме дека сме подобри од она што го покажавме во првиот дел од сезоната и сакаме тоа да го докажеме во наредниот период“, истакнуваат од таборот на Пелистер во пресрет на првиот меч од оваа календарска година.

Се вчитува...