Еурофарм Пелистер потешко од очекувањата успеа да стигне до планираните бодови на гостувањето против Охрид, славејќи со резултат 21-24. Според квалитетот на тимовите се очекуваше битолчани да стигнат и полесно до триумф, но шокот по дерби-поразот од Вардар минатиот викенд беше причина „пелистерци“ да се мачат на патот до овој триумф. На крајот, искуството и квалитетот сепак пресудија, па составот на Жељко Бабиќ стигна до посакуваниот резултат, останувајќи во трката за титулата.
Охрид одлично го отвори натпреварот, поведувајќи со 6-2 и со 7-3, но „пелистерци“ се вратија до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со минимално водство од 11-12. Домашните ракометари имаа водство и во почетниот дел од второто полувреме, но Пелистер одигра најдобро кога беше најзначајно, влезе во посакуваниот ритам во одбраната, додека во нападот пивотот Граџан беше нерешлива енигма за охриѓани.
Мандалиниќ беше прв стрелец на Еурофарм Пелистер со девет погодоци, еден помалку постигна Граџан, додека на спротивната страна Николов ги предводеше стрелците на Охрид со девет постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА