„Пелистерци“ со триумф над Тиквеш ја запечатија шампионската титула

Еурофарм Пелистер славеше на домашен терен над Тиквеш со резултат 35-26, со што битолчани со стил ставија печат на сезоната која ќе остане запаметена по освојувањето на шампионската титула, прва за овој клуб по пауза од дури 18 години. „Пелистерци“ прикажаа најмногу во текот на целата сезона, влегоа во ритам по тренерската смена и доаѓањето на тандемот Јовиќ – Шундовски и заслужено се искачија на тронот на ракометна Македонија.

Денешниот натпревар немаше никакво резултатско значење, што придонесе двата тима да почнат крајно релаксирано, без преголем интензитет во одбраната, што резултираше со лесни голови на двете страни од теренот. Тиквеш дури имаше и два гола предност по десетина минути игра, за по неколку пресврти кавадарчани сепак да заминат на одмор со предност од еден гол (16-17). Второто полувреме донесе нешто поангажирана игра во одбрана на битолчани, бековската линија на Тиквеш беше неутрализирана, што донесе и резултатски пресврт и заслужена победа на новиот шампион на Македонија, изразена со конечните 35-26.

Костески со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, шест постигна Петар Атанасијевиќ, а пет Хосни, додека Петровиќ со шест погодоци беше најефикасен во таборот на Тиквеш.

Се вчитува...