Македонскиот првак Е. Пелистер ја одработе првата фаза од подготовките во Битола, по што „пелистерци“ од вчера се наоѓаат во Златибор, Србија, максимално мотивирани под водство на новиот тренер Рубен Гарабаја.
„Зелено-белите“ делуваат ангажирано на самиот старт од подготовките, веќе се вклучија и летните засилувања, па шпанскиот стратег може да почне да ги вклопува новите ракометари во своите тактички замисли.
„Ова е мој втор ден тука, вчера првпат тренирав со новите соиграчи. Сите ми даваат поддршка и верувам дека ќе се наметнеме и ќе освојуваме трофеи. Најнапред целиме на сите домашни трофеи, а потоа посакувам добра сезона во Лигата на шампионите“, изјави Ибрахим Калед Валис.
Словенецот Ник Хенигман би требало да биде големо засилување за бековската линија на македонскиот шампион.
„По една недела во Битола, вчера стигнавме на Златибор. Добро работиме и многу тренираме и продолжуваме со подготовките. Цел ни е уште подобро да се подготвиме, затоа што нè чекаат многу нови предизвици, нови натпревари. Верувам дека ќе го освоиме домашниот шампионат и Куп и што е можно подобро да одиграме во Лигата на шампионите. Уште еден месец, па ќе играме во Битола. Едвај чекам да играм пред нашите навивачи, пред луѓето кои секогаш нè поддржуваат, пред „Чкембарите“. Се гледаме наскоро“, порача словенечкиот репрезентативец.
„Моите први импресии се многу позитивни. Сите соиграчи ме примија многу добро. Одлично се чувствувам, многу ми се допаѓа градот и клубот и едвај чекам да започне домашното првенство и Лигата на шампионите. Очекувањата се највисоки и желен сум за натпревари пред нашите навивачи“, додаде Рудолф Хекберт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

