Ракометарите на Еурофарм Пелистер претрпеа пораз од 29-26 на првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на Европа против хрватски Нексе. Противникот имаше водство во речиси целиот тек на мечот, а во таборот на битолчани се почувствува заморот по тешкото дерби со Вардар, надополнет со неиграњето на капитенот Периќ. Беспрекорното издание на голманот Секељи не беше доволно за да се стигне до позитивен резултат, па пред избраниците на Бабиќ е сериозен предизвик на реваншот во Битола, во обид да се стигне до четвртфиналето од ова европско натпреварување.
Мандалиниќ го постигна првиот гол на натпреварот, но во следните десетина минути можеа да се проследат бројни проблеми во нападот на македонскиот тим, што Нексе го искористи за да поведе со 4-1. Само одличните одбрани на голманот Секељи спречија противникот уште посериозно да се одлепи, а проблемите на тренерот Бабиќ станаа уште посериозни откако по нецели девет минути игра директен црвен картон доби левото крило Маџовски, по еден несмасен старт во одбраната. Нексе имаше и 5-2, но Еурофарм Пелистер почна да се враќа по двата гола на Гоце Ојлески, македонскиот вицепрвак доби на сигурност во одбраната благодарение на одличниот Секељи, па преку Табоада за момент и поведе со 7-8. Голманот на Пелситер имаше извонредни 11 одбрани само во првото полувреме, но хрватскиот вицешампион сепак успеа да се врати во водство пред самиот крај на полувремето, на одмор заминувајќи со водство од 12-10.
Јагањац го отвори второто полувреме со два погодоци, по што Нексе стигна и до најубедливи „плус четири“ (16-12), пред Никола Маркоски да украде топка и да ја смести во празнаа мрежа, прекинувајќи ја серијата на противникот. Одбраната не беше на посакуваното ниво, но затоа нападот функционираше добро, разликата се движеше меѓу два и три гола, пред Обрадовиќ да намали на 21-20 на половина од второто полувреме. И наместо целосен камбек на битолчани, следеа неколку грешки во нападот што домашните ракометари безмлосно ги казнија, во 49. минута стигнајќи до водство од четири погодоци (25-21).
Мандалиниќ не реализираше седмерец при 27-24, но со иста мера на спротивната страна возврати Секељи, бранејќи го пеналот на Мелиќ. Никола Маркоски одигра одлично во одбрана, изнудувајќи пробивање и исклучување, по што Еурофарм Пелистер се врати, намалувајќи на 27-26 со голот од контранапад на Костески. Секељи повторно блесна бранејќи зицер при 28-26, по што Ојлески на спротивната страна изнуди пенал и исклучување од Ален Блажевиќ. За жал, Табоада не го искористи седмерецот, трет во низа нереализиран пенал на македонскиот вицепрвак. Казната стигна на спротивната страна, откако Нексе го реализираше својот последен напад за конечни 29-26, три гола предност за хрватскиот вицепрвак пред гостувањето во Битола.
Голманот Секељи беше најдобар поединец во редовите на битолскиот клуб со 16 успешни интервенции, додека во нападот најефикасни беа Граџан со шест, пред Табоада со пет и Ојлески и Костески со по четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА