Ракометарите на Пелистер во првиот домашен натпревар во Лигата на шампионите вечерва од 20:45 часот во Битола го пречекуваат германскиот гигант Фуксе Берлин.
Во првото коло од ЛШ „пелистерци“ минимално загубија во Париз од моќниот ПСЖ, но доброто издание пред се во второто полувреме беше најава дека битолскиот тим е подготвен за далеку подобри европски изданија од оние во ланската сезона. Тренерот Бранислав Ангеловски не губи верба дека неговиот тим ќе може да одигра уште еден европски меч на врвно ниво, зошто да не се помош на публиката да стигне и до триумф против фаворитот.
„Би сакал веднаш да испратам повик до нашите верни навивачи. Наша желба е натпреварот во Париз да биде само една најава за она што следува в среда. Трибините да бидат полни и сигурен сум дека со нашиот осми, деветти играч можеме да повториме уште еден добар натпревар како тој во Париз и да се надеваме на поволен резултат, а тоа е победа. Ни требаат шеснаесет „војници“ за противник како Фуксе Берлин. Сигурно дека ќе треба и тактички, и физички и ментално да бидеме подготвени“ – вели Ангеловски.
Познати се и составите за вечерашната пресметка во Битола. Во составот на Пелистер се враќа повредениот Усама Хосни, а свое деби ќе има младиот кружен напаѓач Самоил Ристовски. Фуксе Берлин пак во Битола ќе се брани со поранешниот вардарец Дејан Милосављев, а во составот е и Мијајло Марсениќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА