Блокотехна во својот втор натпревар од БИБЛ-лигата ја забележа и втората победа, овојпат на гостински терен против Теута со резултат 61-70. Албанскиот тим пред неколку недели го зеде скалпот на Кожув, но немаше сили за ново изненадување откако Блоко одигра одлично во последната четвртина, кога блесна Американецот Брендон Пен и му ја осигуа победата на гостинот од Гевгелија.
Теута изненади со одлично издание на самиот почеток, кога во петтата минута домаќините стигнаа и до двоцирена предност од 15-4. Илиевски ја среди играта во одбрана на својот тим, па домаќините до крајот на четвртината не постигнаа ниту еден поен, а овој период заврши со 15-12. Мечот беше израмнет се до последната четвртина, кога македонскиот прволигаш ја презеде контролата. Пен го одигра овој период на високо ниво постигнувајќи десет поени, клучна тројка погоди и Мијатовиќ, за заслужена радост на тимот кој лани стигна до фајналфор турнирот од регионалното натпреварување.
Пен го заврши натпреварот со дабл-дабл од 19 поени и 10 скокови, Николиќ постигна 13, а Мијатовиќ 12 поени за македонскиот претставник. Блокотехна се врти кон обврските во домашното првенство, каде претстојниот викенд овој тим го очекува дуел со Куманово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА