ЕКИПА во Будимпешта,
Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски
Во утрешното финале на Ф4 во Будимпешта, Вардар ќе игра за шампионска титула, а Андреа Пенезиќ ќе се бори и за двојна круна, за победничкиот пехар и за титулата прв стрелец во Лигата на шампионите. Со седумте гола од полуфиналниот меч против ЧСМ Букурешт, Пенезиќ се издвои на врвот на голгетерската листа со вкупно 94 гола.
Честитајќи им ја победата на своите клупски колешки, Пенезиќ ја потенцираше силата и психолошката стабилност како главен адут на Вардар на патот до големото финале.
„Ова е оставрување на сонот. По три полуфиналиња, сега за прв пат сме во финалето од Лигата на шампионите. Сакам да им честитам на сите мои соиграчи, денеска бевме навистина моќни и психички силни, што е многу важно. Ја заслуживме оваа победа“ – рече Андреа Пенезиќ по триумфот на вардарки во полуфиналето.
Утрешното финале за Вардар ќе биде прво во историјата, за Ѓер вкупно шесто. Искуството, публиката и домашниот терен се на страната на унгарскиот тим, но вардарки ја играат најдобрата сезона, имаат желба и знаат да се носат со притисокот на еден ваков меч. Дуелот меѓу двете најдобри екипи во Европа треба да биде круна на сезоната.
„Ѓер е добра екипа, играат добро во континуитет, имаат дрим-тим. Но, утре е финале, а во финалето се е можно“ – истакнува Андреа Пенезиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА