Манчестер Сити веќе потроши над 100 милиони фунти за нови фудбалери за јануарскиот преоден рок, но Пеп Гвардиола не планира да запре со зимскиот шопинг. На трофејниот стратег му е јасно дека главен проблем му остана отсутвото на клучниот играч Родри, па стратегот на Сити инсистира на доведување на последен играч за врска кој би ја пополнил оваа дупка во тимот на Сити.
Прва желба на Гвардиола е ангажман на Даглас Луиз, бразилскиот репрезентативец кој до лани блескаше на оваа позиција во Премиер-лигата како член на Астон Вила. Бразилецот минатото лето се пресели во Јувентус, но не се снајде најдобро во новата средина и речиси и да не добива шанса да ги покаже своите квалитети во дресот на „старата дама“.
Тој би се вратил назад во Премиер-лигата, особено во врвен клуб како Манчестер Сити, но „граѓаните“ се мачат да најдат заеднички јазик со Јувентус во преговорите за овој трансфер. Првата понуда на Сити од пет милиони евра за позајмица до крајот на сезонава, плус опција за трансфер за дополнителни 35 милиони евра беше експресно одбиена од страна на управата на Јувентус. „Црно-белите“ од Торино инсистираат ако Луиз треба да си замине, тоа да биде со перманентен трансфер. Како последна порака од Јуве до Сити – ако веќе стане збор за позајмица, тогаш во неа мора да има клаузула за задолжителен откуп следното лето, во висина од 40 милиони евра.
На потег е управата на Манчестер Сити, дали ќе ги прифати овие услови на кои инсистира Јуве за да му исполни уште една желба на Пеп Гвардиола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА