Диего Коста во моментите кога го раскина договорот со Атлетико Мадрид очигледно мислеше дека многу полесно ќе си најде нов ангажман. Во меѓувреме му пропадна договорениот трансфер во Кина, бразилските клубови што се заинтересирани нудат далеку пониски суми за плата од она на што Коста се навикна во последните години, па овој фудбалер сега бара нов предизвик во Европа.
Коста веќе бил понуден на неколку клубови, меѓу нив и Манчестер Сити, клуб кој се соочува со голгетерска криза поради хроничните проблеми со повредите на Серхио Агуеро, како и променливата форма на Габриел Хесус. Челниците на Сити дури и го разгледувале Бразилецот со шпански пасош како добро краткорочно решение, но трансферот бил блокиран од страна на Пеп Гвардиола. Трофејниот стратег е крајно принципиелен кога станува збор за клупската дисциплина и не сака проблематични фудбалери во својот тим, поради што јасно ставил до знаење дека за Коста би немало место во неговиот тим.
Серхио Агуеро го победи коронавирусот и од вчера почна со тренинзи со екипата, а Гвардиола се андева дека Аргентинецот ќе се врати во топ-форма за клучниот дел од сезоната. Агуеро на крајот од сезонава ќе си замине од клубот како слободен играч, па се очекува тогаш Пеп да тргне во тотална офанзива по нов врвен голгетер, а на неговата листа со желби се наоѓаат Меси, Халанд, Кејн…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

