Искусниот португалски стопер го повикува Кристијано Роналдо во ПСЖ. Пепе и Роналдо имаат долга професионална врска, почнувајќи на „Бернабеу“ па се’ до националниот тим, заедно се десетина години, а дефанзивецот не ја крие желбата повторно да соработува со мега-ѕвездата на Реал.
„Придужи ми се во ПСЖ, ќе биде прекрасно повторно да играм покрај тебе. Клубот не те поддржи и одбрани кога ти беше најпотребно, ти немаш веќе што да им дадеш, им донесе толку многу трофеи“, му порача Пепе на неговиот пријател Роналдо.
Роналдо е подготвен да го напушти „кралскиот“ клуб по девет години, најголема причина за тоа е веќе познатата приказна околу неговото неплаќање данок на државата. Четирикратниот европски шампион тврди дека никогаш не би направил такво нешто, но ќе ја плати сумата која наводно ја должи веднаш штом ќе ja напушти државата, а изнесува 14.7 милиони евра. Во шпанските весници пишуваше дека Роналдо им посочил на соиграчите од клубот дека нема да се врати во Мадрид, па сега останува да се разреши каде ќе ја продолжи кариерата.
ПСЖ е подготвен да го направи Роналдо по втор пат најскап фудбалер во историјата. Плата од 30 милиони евра по сезона и 140 милиони евра во касата на Реал е понудата, останува да одлучи 32-годишниот голгетер.
Ако се прашува Роналдо, тој веќе знае каде сака да продолжи. Јунајтед и градот Манчестер се негова вечна љубов, но колку „ѓаволите“ се подготвени да ја испразнат касата за да се врати нивната можеби најдобра „7-ка“ во историјата. Наводно, Де Хеа и 200 милиони евра е понудата од Јунајтед за Кристијано Роналдо и Алваро Мората, но ако се знае дека Мурињо не сака да го пушти шпанскиот чувар на мрежата, овој трансфер може да биде далеку од реализација.
Според шпекулациите од островот, Роман Абрамовиќ има примамлива понуда за Перез, а најмногу ќе му се допадне на Зидан. 100 милиони евра и Еден Азар во замена за Роналдо, Зидан ќе го добие посакуваниот играч кој воедно ќе биде и замена за нивниот најдобар стрелец, но за Роналдо постои само еден клуб во Англија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА