Возачот на Ред Бул, Серхио Перез доби четири казнени бодови за инцидентите кои ги предизвика на Големата награда на Јапонија.
Станува збор за ситуацијата при претекнување на Фернандо Алонсо пред влез во бокс додека на стазата беше сигурносното возило и судирот кој го предизвика во 11. кривина при претекнување на Кевин Магнусен.
По прегледување на снимките утврдено е дека Перез е виновен со оглед на тоа што во ситуацијата во која беше немал право да влезе во тркачкиот простор на Магнусен. Оценето е дека Мексиканецот „не успеал да изведе престигнување на сигурен и контролиран начин“ за што е казнет со два казнени бода.
Перез со овие четири казнени бодови стигна до вкупниот број од седум и доколку во следните 12 месеци „заработи“ уште пет ќе мора да паузира една трка.
Мексиканецот можеше да биде и дополнително казнет бидејќи дополнително излезе на стазата откако неговиот болид беше „пензиониран“, но комисијата го поштеди од казна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА