Македонија и Албанија одиграа 1-1 на стадионот „Младост“ во Струмица во дуелот од осмото коло од квалификациите за пласман на Светското првенство во Русија. Нашиот национален тим може да жали за пропуштените шанси за победа во завршницата од мечот, а селекцијата на западниот сосед го слави голманот Бериша, кој имаше неколку одлични интервенции, спасувајќи бод за својот состав. Но, многу поважно од резултатот е тоа што мечот од висок ризик помина во најдобар можен ред, со перфектна организација.
Се сложија за тоа и домаќинот, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, но и што е уште поважно, гостинот, претседателот на Фудбалската федерација на Албанија, Арманд Дука.
„Задоволен сум што организацијата на натпреварот кој УЕФА го прогласи за меч од висок ризик помина без ниту еден најмал инцидент, можам да кажам со перфектна организација. Уште еднаш го положивме испитот и докажавме дека Македонија е максимално подготвена за да организира вакви големи натпревари. Што се однесува до мечот, секако дека ми е жал што не успеавме да победиме, иако во финишот имавме многу можности за да постигнеме победнички гол“, изјави за ЕКИПА, Илчо Ѓорѓиоски.
Првиот човек на Фудбалската федерација на Албанија, Арманд Дука, исто така ја потенцира перфектната организација на натпреварот во Струмица.
„Морам да кажам дека се беше навистина одлично од организациски аспект. Искрено, и не очекував да биде толку добар прием, се беше перфектно за нашиот национален тим, можеби освен малку подолгото патување. Но, немаше инциденти, немаше проблеми, и генерално имавме одлични услови за да се одигра натпреварот гледано. Што се однесува до самиот мел, да бидам искрен, не заслуживме да победиме. Можевме да ги земеме сите три бода, а можевме да останеме и без ниту еден на крајот. Можеме да бидеме среќни со нерешениот резултат со кој сме многу блиску до конечното трето место во групата за СП“, истакна Дука.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА