Поранешниот македонски кошаркар и сегашен претседател на КФСМ Перо Антиќ, во интервју за српските медиуми зборуваше за Никола Јокиќ, неговиот поранешен тренер Жељко Обрадовиќ и неговиот екс соиграч Богдан Богдановиќ.
Тој во разговорот со воодушевување зборуваше за Јокиќ, кој две сезони по ред е МВП во НБА.
„Тој игра со срце, не му е гајле за пари. Ако имате талент и напорно работите, парите ќе дојдат. Тој ја сака кошарката и ужива во играта. Лука Дончиќ исто. Мислам дека Јокиќ игра со 50%. Ако вложи 100%, тогаш може да замислите што ќе се случи“, рече Антиќ.
Антиќ истакна надеж дека неговите поранешни тимови Црвена Звезда, Фенербахче и Олимпијакос ќе одат до крајот во Евролигата. Потоа зборуваше за Обрадовиќ и Богдановиќ.
„Ако Жељко Обрадовиќ е луд за кошарка, тогаш Богдановиќ е двојно полуд. Ми беше цимер, гледаше мечеви до 4 наутро. Секогаш му велев да оди да спие, дека имаме натпревар. Неверојатен е, му посакувам се најдобро“, рече Антиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА