Перо Антиќ денеска и официјално ја доби наградата „Заслужен граѓанин на Општина Центар“, како признание за огромниот придонес во спортот и афирмацијата на Република Македонија и општината од која потекнува, Центар денеска му ја додели плакетата за заслужен граѓанин. Носителот на три евролигашки титули, единствениот македонец кој играше во НБА, репрезентативец и капитен на генерацијата која го освои 4-тото место на Европското првенство во Литванија, се заблагодари за првото признание кое Општина Центар го доделува за заслужни граѓани.
„Особено сум задоволен што општина Центар, мојата општина и градоначалникот Андреј Жерновски ги враќаат терените, ја вративте младинската школа и ќе го вратите она што недостасува, уличниот баскет. Ова е мотив повеќе младите да тренираат и играат за да се најдат еден ден на моето место. А ние продолжуваме понатаму“, рече Антиќ.
Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, посочи дека негова цел е да се вреднуваат трудот и успехот на граѓаните.
„Ова ги инспирира и младите генерации. Ако одлучите да наградите некој што навистина тоа го заслужува, нема подобра одлука тоа да биде Перо Антиќ. Ако сакате да играте финале во Евролигата и да освоите европска титула во својата екипа, земете го Перо. Тој е прв и единствен Македонец кој играл во НБА. На прашањето од каде му е сигурноста и дрскоста, Перо Антиќ знаел да каже “Тоа е она центарското во мене”. Перо Антиќ е извонреден сопруг и татко на три сина. Тој е првиот центарец кој ја доби наградата заслужен граѓанин“, рече градоначалникот Жерновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА