Пешевски: Како колектив сме подобри од Грција

ЕКИПА во Солун,

Стеван Цаневски

Жарко Пешевски беше значаен адут на селекторот Кире Лазаров на првиот натпревар со Грција, на кој нашата репрезентација најпрвин испушти предност од пет гола, а потоа во финишот стигна до реми.

„Мислам дека Грција е сериозна репрезентација, поседуваат квалитет кој од собир на собир, од циклус на циклус е поизразит. Добро го почнавме натпреварот, диктиравме темпо, потоа следеше пад во играта, но тоа е нормално на вакви контролни натпревари во кои се пробуваат различни тактички варијанти. Она што радува е дека покажавме карактер, мислам дека со играта на првиот меч заслуживме и да победиме, па добро е што заигравме во самиот финиш и не дозволивме да претрпиме пораз во натпревар во кој во голем дел бевме подобар противник“, изјави Жарко Пешевски.

Тој верува дека Македонија ќе одигра уште подобро на денешниот втор меч во Солун и ќе стигне до посакуваниот триумф.

„Од наша страна ние максимално ќе влеземе и во денешниот натпревар, ќе се обидеме да стигнеме до победата. Мислам дека сме на добар пат како репрезентација, не дека сме индивидуално поквалитетни од Грција, туку како колектив растеме, играме се подобро од меч во меч и имаме добри шанси да стигнеме до победата и уште повеќе да ја кренеме формата на два месеци пред ЕП во Германија“, оптимистички е расположен првиот пивот на македонскиот национален состав.

Се вчитува...