Македонската ракометна репрезентација веќе е во Винтертур, Швајцарија, каде избраниците на селекторот Лазаров ќе ја минат последната фаза од подготовките за ЕП 2026 што ќе се одржува во Данска, Шведска и во Норвешка.
Атмосферата во тимот е на највисоко ниво, во 18 часот беше одработен и првиот тренинг во пресрет на „Жолтиот куп“, турнир во кој македонските ракометари за три дена ќе одиграат исто толку натпревари.
Еден од најискусните во репрезентацијата Жарко Пешевски даде свое видување за подготовките.
„Кратко беше времето за адаптација после долгото патување, но успеавме да одработиме тренинг и да се фокусираме на предизвикот. Ќе се соочиме со селекции кои максимално ги почитуваме и се надевам дека ќе ги исполниме сите барања од селекторот.
Овие контролни натпревари ќе ни послужат за темпирање на формата и за подобрување на нашата игра во одредени сегменти. Сето ова искуство се надевам дека ќе го пренесеме во една позитивна енергија која ќе ни даде мотив повеќе за настапот на Европското првенство“, изјави Пешевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

