ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Жарко Пешевски со години води жестоки борби на линијата од шест метри со противниците на македонската репрезентација, секогаш давајќи го максимумот во нашите напади на големите натпреварувања.
Големиот борец е подготвен за новиот предизвик што го носи ЕП 2026 во Данска, свесен дека пред црвено-жолти се три тешки натпревари.
„Европско првенство,супер репрезентации и квалитетен ракомет ни престои во наредните денови. Тешка е групата, но како што знаеме на Европско Првенство нема лесен натпревар, особено кога сите во денешно време знаат, играат и негуваат ракометни знаења. Како професионалци во својот спорт, борци на теренот во секое поглавие за Македонија, наше е да одговориме на секој предизвик, да дадеме максимален придонес и да не престанеме да се надеваме дека со малку среќа која сами ќе ја заслужиме да одиме во втор круг. Противниците секогаш се прашуваат, но Македонија ќе биде незгодна за сите како на ова првенство така и во иднина“, вели Пешевски.
Подготвителниот период беше максимално искористен за да се крене формата за она вистинското – денешниот старт на ЕП 2026.
„Од натпревар во натпревар игравме се подобро и подобро. Се сретнавме со четири противници кои негуваат различен ракомет, секој од тие натпревари беше добредојден за нас. Задоволен сум од тоа како игравме, секогаш има простор за напредок. Целта е јасна – да се кренеме на секое поле за почетокот на првенството и да дишиме како еден од првиот до последниот натпревар овде во Хернинг“, истакнува искусниот пивот.

Жарко беше и еден од неколкуте македонски репрезентативци од овој состав што пред нецели пет години во Скопје ја совладаа Данска со 33-29.
„Благодарен сум и пресреќен за секоја минута во националниот дрес. Доколку би издвојувал што и како ТОП 3 е сигурно таа победа и тоа пред празните трибини на „Борис Трајковски“. Тие го имаа тогаш Гидсел, кој и сега е тука. Разликата е во тоа што тогаш Микел Хансен беше тој што секогаш ја преземаше одговорноста, а сега тука е Гидсен, но и уште неколку ракометари од светска класа кои се тука да помогнат (Питлик,Ласе Андерсон,Сауструп,Нилсен).
Ако Данска ја истакнеме како прв фаворит во групата (па и за златото), шансата ќе ја бараме против Португалија и Романија…
„Португалија стана и станува од ден во ден миленик на сите неутрални ракометни гледачи. Со три супер колективи (Спортинг,Порто и Бенфика) изградија одличен тим и составија колектив за високи дострели. Браќата Кошта,Салвадор,Фраде ја предводат оваа супер селекција. Романија е репрезентација која ни во еден момент не смее да се потцени. Цврста и корпулентна репрезентација кој живее за мечот против Македонија и која се враќа на голема врата на Европскиот и Светскиот ракомет. Ние можеме да ветиме борба и добра игра, со надеж дека тоа ќе ни ги донесе резултатите што сите ги посакуваме, порачува за крај Жарко Пешевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

