Пелистер продолжува со формирањето на тимот за наредната сезона, па така битолчани по потписот на новиот договор со Хенигман се пофалија и со продолжување на соработката на еден од македонските репрезентативци во своите редови.
Жарко Пешевски и во наредната сезона ќе ги брани зелено-белите бои откако одличниот пивот го потпиша новиот едногодишен договор со „пелистерци“.
„Срцето на нашиот проект и во иднина ќе бидат квалитетни македонски репрезентативци, кои и, како и во цела наша историја, ќе го носат дресот на Еурофарм Пелистер. Во тој правец со гордост го објавуваме потписот на нов договор на кружниот напаѓач Жарко Пешевски. Тој се обврза на договор со шампионот на Македонија и за сезоната 2026/27, со што успешната приказна на Пешевски со нашиот клуб ќе продолжи и во иднина.
Неговото доаѓање во Битола се поклопи со трофејниот период и растот на клубот. Затоа заедно ќе водиме нови предизвици и ќе освојуваме нови трофеи во иднина. Пред да дојде во Еурофарм Пелистер, репрезентативниот пивотмен настапуваше за Металург, Мотор Запорожје и Штутгарт“, објави актуелниот првак на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

