Ракометарите по репрезентативните настапи се вратија во своите клубови, а на македонската сцена веќе утре ќе бидеме сведоци на ново големо дерби меѓу Вардар и Металург. По доминацијата на „црвено-црните“ во претходните сезони, овојпат „металурзите“ приредија изненадување со победата во првото коло од плјеофот, па „вардарци“ ќе мора да бркаат триумф од четири гола ако сакаат да се задржат на тронот на македонскиот ракомет.
Избраниците на Раул Гонзалес играат одлично сезонава, обезбедија историски пласман на Ф4 во Келн, но тоа ќе биде само мотив повеќе за големите борци од таборот на Металург да се обидат повторно да стигнат до позирвен резултат.
„Тренираме напорно по репрезентативните обврски и максимално сме насочени кон следните предизвици на клупски план. Што се однесува до дербито, едно е јасно – овој меч ќе биде празник на ракометот во Македонија. Вардар е апсолутен фаворит, но Металург оди максимално мотивирано, „со ладни глави“ на ова гостување во обид да се стигне до резултат што би бил во наша полза. На првиот меч одигравме страшна одбрана на крилата на голманите Арсиќ и Томовски, со незгодниот напад „седум на шест“ го мачевме Вардар и на крајот заслужено славевме. Ова ќе биде сосема поинаков меч, но се надевам дека повторно ќе одиграме на повисоко ниво. Јасни се квалитетите на противникот, а успехот на Вардар во ЛШ е само мотив повеќе за Металург да го остави срцето на терен“ – порачува Жарко Пешевски, пивотот на Металург и на македонскиот национален тим.
Натпреварот меѓу Вардар и Металург ќе се игра утре со почеток во 20.30 часот, со директен пренос на телевизија Телма.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА