Баерн Минхен нешто подолго од очекувањата бараше нов тренер по заминувањето на Пабло Ласо во Басконија, но баварците денеска конечно го решија и тоа прашање.
Изборот наиде на воодушевување во германската јавност, ако се знае дека за нов тренер беше избран актуелниот германски селектор Гордон Херберт, кој по завршувањето на ОИ во Париз и дефинитивно ќе се пресели на кормилото на Баерн. Херберт, кој лани стигна до светската кошаркарска круна со Германија, имаше договор да се пресели во Чиба џетс во Јапонија, но по понудата на Баерн се премисли и реши да остане во германската кошарка, овојпат на клупски план.
„Чест ми е што станувам тренер на Баерн, еден од најголемите брендови во светот на спортот. Ќе имаме конкурентен тим со кој навивачите ќе бидат горди. Сите во клубот, почнувајќи од Марко Пешиќ, работат со неверојатен професионализам и сеќе биде подготвено за добри игри и резултати. Мојот фокус во моментов е стопроцентно на репрезентацијата, но по завршувањето на ОИ ќе ги дадам срцето и душата за Баерн“, изјави Херберт.
Српскиот селектор Светислав Пешиќ отворено се нудеше на Баерн истакнувајќи дека е подготвен за нова авантура во Евролигата, но највисокото раководство на клубот на крајот сепак се реши да го избере Херберт за наследник на Пабло Ласо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА