Српскиот селектор Светислав Пешиќ не го криеше разочарувањето по неочекуваниот пораз на својата репрезентација, која уште во осминафиналето беше елиминирана од Евробаскет 2022.
Искусниот стратег уште од стартот реши да се коцка исфрлајќи го Теодосиќ од репрезентативниот список, што се покажа како преголем ризик бидејќи Србија вечерва немаше лидер во бековската линија кога се кршеше резултатот.
„Треба да им честитаме на Италијанците кои одиграа извонредна средба, играш онолку колку што противникот ќе ти дозволи. Тие беа посвежи, а јас не сакам премногу да зборувам за она што ни се случуваше во текот на подготовките. Ќе излезе дека се правдам и барам изговори… но имавме премногу играчи кои не беа во ритам бидејќи прпуштија дел од подготовките. Ова беше натпревар во кој немаш право на грешка, излеговме на терен со мисла дека сигурно ќе добиеме, но излезе дека не било така. Секако дека сме тажни и разочарани, но немавме континуитет во одбраната, промашивме чисти шутеви во нападот. Треба длабоко да се анализира, но тоа нема да го намали разочарувањето. Јас се уште тврдам дека Србија има извонредна група на кошаркари, особено оние кои беа дел од овој европски шампионат“, изјави Пешиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

