Пет финалисти за наградата „Голден бој“ – го нема Мбапе, без изразит фаворит

Трката за наградата „Голден бој“, што вообичаено се доделува на најдобриот млад фудбалер, годинава ќе биде многу поинтересна со оглед на фактот дека ниту еден од петмината финалисти не може да се издвои како голем фаворит.

Станува збор за признание што вообичаено се доделува на играчите под 21 година, а апсолутниот фаворит Килијан Мбапе не е меѓу финалистите бидејќи ќе конкурира за „Златната топка“ за оваа 2018 година.

Во трката за „Голден бој 2018“ остануваат Матијс де Лигт (Ајакс), Патрик Клајверт (Рома), Трент Александер – Арнолд (Ливерпул), Патрик Кутроне (Милан) и Винициус Жуниор (Реал Мадрид).

Барем на хартија фаворит важи Де Лигт, кој е стандарден во Ајакс и моментно важи за еден од најпосакуваните дефанзивци во Европа, проценет на над 60 милиони евра. Клајверт во Рома не е стандарден како претходно во Ајакс, Кутроне ја почна сезоната на клупата на Милан, додека Винициус тренира со резервите на Реал Мадрид. Стандарден првотимец покрај Де Лигт е само уште Трент Арнолд, кој со успех го носи дресот на Ливерпул.

Името на добитникот на престижното признание ќе биде обелоденето во јавноста на 17 декември.

Се вчитува...