Пет фудбалери на Манчестер Јунајтед поднесоа барања за трансфер

Манчестер Јунајтед в понеделник ќе ги стартува подготовките за наредната сезона, но на првиот собир на „црвените ѓаволи“ нема да се појават петмина фудбалери.

Маркус Рашфорд, Антони, Џејдон Санчо, Алехандро Гарначо и Тајрел Маласија се фудбалерите кои преку своите агенти во изминатите петнаесетина дена поднеле барања за трансфер, да им биде дозволено да си заминат од „Олд Трафорд“ во текот на летниот преоден рок. Со оглед на фактот дека не станува збор за играчи кои би биле стандардни првотимци кај Аморим, трофејниот англиски клуб дал зелено светло за нивно заминување, поради што овие петмина немаат обврска да се појават на првиот собир летово.

Нивните агенти имаат за задача што поскоро да најдат нови клубови, но тоа нема да биде нималку лесно, особено во случаите на Рашфорд и на Санчо, кои имаат огромни плати од договорите со Јунајтед што ниту еден од заинтересираните тимови нема намера да ги покрие.

За Антони има интерес од неколку екипи по успешната позајмица во Бетис во вториот дел од ланската сезона, а останува да се види каде ќе заврши Гарначо, кој влезе во конфликт со Аморим по поразот во финалето на Лигата на Европа. Манчестер Јунајтед бараше 70 милиони евра за Аргентинецот, сума што не ја доби ниту во јануари, а тешко дека некој ќе се согласи да ја плати и во летниот преоден рок.

Се вчитува...