Пет кандидати за наследник на Зидан: Венгер, Покетино, Гути…

Шпанската фудбалска јавност се уште е во шок по неочекуваниот развој на настаните и оставката што Зинедин Зидан попладнево си ја поднесе од функцијата шеф на стручниот штаб на Реал Мадрид. Францускиот ас реши да се повлече од клупата на „кралевите“ само пет дена по освојувањето на третата европска титула во низа, па повеќе од јасно е дека неговиот наследник ќе има тешка задача да продолжи по патот на легендарниот Зизу.

Веднаш се појавија и првите шпекулации околу тренерите кои би можеле да го наследат Зидан, а весникот „Ас“ повикувајќи се на извори од управата на Реал објави и скратен список од пет стратези кои се во комбинација за оваа одговорна функција.

АРСЕН ВЕНГЕР

Французинот во два наврати веќе го одби Флорентино Перез, па прашање е дали првиот човек на Реал Мадрид ќе реши по третпат да го покани Венгер да му се приклучи на „Сантијаго Бернабеу“. Офанзивниот фудбал на кој инсистира Венгер е негова препорака, но слабите резултати во последните неколку години се значителен проблем за искусниот стручњак. Тој е без ангажман по заминувањето од Арсенал, па ќе нема потреба за преговори со друг клуб за откупување на неговиот договор.

МАУРИЦИО ПОКЕТИНО

Аргентинецот е главен фаворит ако се земат во предвид желбите на фановите, но Флорентино Перез ќе нема нималку лесна задача да го убеди Покетино да дојде во Мадрид. Дури и доколку го стори тоа, проблем ќе биде Тотенхем и фактот дека Покетино пред само неколку дена потпиша нов долгогодишен договор со лондонскиот клуб, со важност до 2023 година. „Спарси“ целиот проект го базираат токму околу овој одличен тренер, па пред Флорентино е сериозен предизвик – да го убеди Покетино да си замине од Лондон.

ЈОАКИМ ЛЕВ

Слично како Покетино, и Јоаким Лев неодамна потпиша договор со кој би останал на чело на германската репрезентација со СП 2022. Сепак, Германецот најпрвин има за задача да ја одбрани круната освоена пред четири години во Бразил, а во случај на неуспех би можел дури и да добие отказ. Тешко е за верување дека Флорентино ќе го чека Лев до крајот на мундијалот, но доколку оцени дека тој е вистинското решение за клубот, претседателот на Реал Мадрид би тргнал во офанзива веќе во наредните десетина дена.

ГУТИ

Еден од милениците на мадридската јавност, легендата на Реал од 2013 година работи со кадетите на „кралскиот клуб“, а три години подоцна почна со ангажман во Б тимот. Флорентино Перез е задоволен од неговата работа во младинската школа, самиот Гути неодамна најави дека е подготвен за поголем предизвик, но останува да се види дали „кралевите“ се подготвени да се коцкаат со стратег кој нема ниту минута искуство во сениорски фудбал.

ЈИРГЕН КЛОП

Стратегот кого Зидан го победи во финалето во Киев сега е петтиот кандидат за клупата според „Ас“. Клоп поседува и квалитет и авторитет за да биде тренер на гигант како Реал, но Ливерпул летово веќе потроши над 100 милиони евра на фудбалери што тој ги бараше (Кеита и Фабињо), а „црвените“ се на пат да потрошат уште повеќе во следните триесетина дена (Фекир плус нов голман, се предвидува трошок од над 100 милиони евра). Во една таква ситуација, мали се шансите Клоп да реши предвреме да си замине од „Енфилд“, но кога е Реал во прашање никогаш не треба да се каже никогаш.

Се вчитува...