Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ веднаш по одржаното Редовно Собрание на ФФМ одржа прес-конференција на која меѓу другото информираше дека новиот Статут на ФФМ, кој беше донесен денеска, е во функција и на стопирање на системска манипулација која се извршувала во минатото.
Омерагиќ информираше дека од ноември до декември 2024 година, во последниот месец на претходното раководство се потрошени околу пет милиони евра наменети за развој на фудбалот.
„Во период од само еден месец, од ноември до декември 2024 година, еден месец пред да ја преземеме функцијата, потрошени се околу 5 милиони евра од средствата наменети за развој на фудбалот. Пет милиони евра. За еден месец. Ние затекнавме таква состојба и не побаравме алиби. Почнавме да воведуваме ред. Само трошоците за хотелски, чартер летови и авионски карти ги намаливме за повеќе од еден милион евра. Секој денар гледаме каде оди. Затоа што овие средства не се ничии приватни, тие се на фудбалот. Ова што го правиме не е козметика. Ова е пресек. Од систем без контрола, кон систем со правила. Од фикција, кон реалност“ – истакна претседателот на ФФМ, кој на новинарско прашање дополни:
„Испразнетата сметка, сепак, не беше најголемиот проблем со кој се соочивме, имаше и поголеми проблеми, имаше проблеми кои мораше во од да ги решаваме. Тие пет милиони евра биле за оперативни трошоци, аванси без одлуки на УО. За волја на вистината има и уплати за инфраструктурата. Но, како и да е, не се враќаме назад, продолжуваме напред затоа што фудбалот не може да чека“.

Првиот човек на ФФМ информираше и за една симптоматична ситуација на регистрација на фиктивни, измислени фудбалери во домашните првенства од најмали до највозрасни категории, за фиктивни натпревари, т.н имагинарен фудбал на кој се става точка. Една од причините за промена на Статутот е и токму тоа.
„Денес гласаме за нов Статут на Фудбалската федерација на Македонија. После 15 години, конечно ставаме крај на еден застарен, нефункционален систем и воведуваме ред. Статут изработен со УЕФА и ФИФА, кој не остава простор за импровизации. Да бидеме искрени, досега не зборувавме за реален фудбал, туку за бројки што не постојат. До последната пререгистрација биле регистрирани 44.996 фудбалери во машка конкуренција. После пререгистрацијата бројот на машки фудбалери е 14.210. Во следниот период ќе се утврди точната бројка и во женска конкуренција. Тоа не е мала грешка. Тоа е системска манипулација. Со новиот Статут, тоа завршува. Нема повеќе клубови што постојат само на хартија.Нема повеќе лажни записници. Нема повеќе фиктивен систем.“ – информираше Омерагиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

