Петар Јовановски останува претседател на Одбојкарската федерација на Македонија и во следните четири години. Тој ја доби поддршката од делегатите на денешното изборно собрание на Федерацијата и имаше убедливо повеќе гласови во однос на противкандидатот, поранешниот репрезентативец, Јовица Симовски. Јовановски доби 17 гласа од 21 присутен делегат, четворица гласаа за Симовски.
„За да останеме во позитивна приказна и со тоа да дадеме шанса за развој на клубовите потребно е учество на ново Европско првенство. Во таа насока особено е значајно што во јануари ќе бидеме домаќини на квалификациски турнир за следното Европско првенство. Ако успееме во оваа цел, одбојкарската репрезентација може да биде единствениот македонски претставник на европски собир следната година. имаме и кандидатура за организација на Европско првенство, чекаме одговор од ЦЕВ. Ќе работиме во насока за подобрување на состојбата во женската одбојка, има голем интерес и наша цел е да формираме конкурентна женска репрезентација“ – рече во дел од изборното обраќање старо-новиот претседател на ОФМ.
Петар Јовановски е претседател на ОМФ од 2009 година и во текот на неговиот мандат, минатата година, одбојкарската репрезентација го обезбеди историското прво учество на Европското првенство.
Сепак, Собранието не мина „хармонично“ како што се надеваа Јовановски и Карановиќ, па откако не им беше усвоен финансискиот извештај, истото се случи и со промените ве во Статутот на ОФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА