„Петарда“ во Минхен: Германија покажа сила, Шкотска не беше достоен ривал

Домаќинот Германија импресивно го почна настапот на ЕВРО 2024 откако избраниците на Јулијан Нагелсман многу лесно и убедливо славеа на премиерниот дуел со Шкотска со 5-1. Домашната селекција одигра извонреден меч во кој лесно стигнуваше до шанса за гол, доминираше на теренот и најави дека со слични вакви изданија би можела и да се вмеша во борбата за највисок пласман на овој шампионат.

Победникот беше решен уште во првото полувреме, во кое Германците стигнаа до предност од убедливи 3-0. Во првите петнаесетина минути блеснаа младите Флоријан Вирц и Џамал Мусиала, кои со два мајсторски погодоци ги израдуваа домашните фанови на „Алијанц Арена“ за предност од 2-0. Германија потоа рутински го намали темпото, но пред крајот на полувремето поведе и со 3-0 со пеналот на Хаверц, окако Гундоган беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник. Покрај огромната негатива, Шкотите имаа дополнителен проблем бидејќи останаа и без играч на теренот, по заслужениот црвен картон на Портеус за стартот врз Гундоган при пеналот за противникот.

Филкруг влезе во игра на местото на Хаверц и голгетерот на Борусија Дортмунд веднаш блесна со погодок за 4-0. Истиот фудбалер нешто подоцна постигна и петти гол за Германија, но истиот беше поништен поради минимален офсајд. Шкотска не упати удар кон противничкиот гол, но Шкотите сепак успеаја да го ублажат поразот откако Ридигер во една мешаница ја смести топката во противничката мрежа. Тоа не беше крајот на возбудувањата бидејќи во 93. минута Германија стави печат на овој одличен настап, со голот на „резервистот“ Емре Џан.

Германија во следното коло од А групата на 19 јуни ќе се сретне со Унгарија, додека Шкотска ќе има шанса за поправен на дуелот со Швајцарија закажан исто така на 19 јуни.

Се вчитува...