„Петка“ од мајсторот – Стоилов е вардарова икона

ЕКИПА во Германија,

Симон Котларов

Јасно беше дека Раул Гонзалес ќе извади некој „ас од ракавот“ за денешниот дуел, но ретко кој помислуваше дека тоа би можел да биде Стојанче Стоилов, миленикот на навивачите кој за жал поголемиот дел од средбите во ЛШ ги минуваше на клупата за резерви.

Сепак, Шпанецот не би бил ракометен генијалец  ако не знае точно кога да го искористи секој ракометар – како што тоа беше случај со Стоилов во Кил. Македонскиот репрезентативец беше големо изненадување за Кил во првото полувреме, кога набрзина реализираше четири погодоци од исто толку обиди.

Потоа по исклучувањето неговото место го зазеде Мораеш, за Стоилов повторно накратко да влезе во второто полувреме, за нов гол и перфектни „пет од пет“ во денешната голема победа.

Стоилов покажа зошто е вардарова икона, јасно демонстрирајќи дека на него може да се смета секогаш, против секој ривал, на секој терен ширум Европа. Во ваква форма, за очекување е да има значајна улога и на реваншот во Скопје, па потоа и на Ф4 турнирот во Келн.

Се вчитува...