Петков и Хот едногласни: Ќе дадеме максимум за повторно да ја израдуваме Македонија

Македонската кошаркарска репрезентација до 20 години денеска со почеток од 18 часот и 30 минути во СРЦ „Кале“ ќе се сретне со Велика Британија во четвртфиналето на Европското првенство во „Б“ дивизија.

На крилја на одличната атмосфера и полна сала при скопката тврдина младите репрезентативци одиграа три одлични натпревари со кои ја осигураа првата позиција во групата па осигураа дуел со Британците за чекор поблиску до исполнување на целта – пласман во „А“ дивизија.

Марин Петков и Амар Хот очекуваат тежок натпревар за кој велат дека ќе го дадат максимумот одново да ја израдуваат Македонија.

„Секако дека можеме да ја победиме Велика Британија. Самодовербата во тимот е на највисоко ниво во моментот. Имаме добра енергија, веруваме во себе и нормално одиме на победа. Очекуваме добра игра од Британците, тие се брзи и атлетични, но верувам дека ние сме фаворити и очекувам победа“, изјави Петков.

„Повеќе нема слаби противници, сите кои се во четвртфиналето сами по себе се фаворити. Ќе се обидеме со помош на публиката да влеземе поконцентирани бидејќи не очекува тешка борба на наш терен. Да бидеме мотивирани како со Бугарија сигурен сум дека можеме да го добиеме натпреварот“, додава Хот.

Се вчитува...