Екстремно ниските температури ширум државата во изминатиот период ги спречија дел од кошаркарските тимови да го одложат стартот на подготовките за вториот дел од регуларниот тек на сезоната кој треба да започне на 21. јануари, но таков не е случајот со клубот од Битола. Пелистер повторно се врати во кошаркарската елита на Македонија и планира што подолго да се задржи во Првата кошаркарска лига. Време за одмор речиси и да нема. Битолчани со полна пареа работат на формата за преостанатиот дел од првенството како и за преднатпреварите од Купот.
„Ние практично и не престанавме да тренираме воопшто. Имавме само 2-3 дена одмор и продолживме со тренинзи. Во моментот поради реновирањето на спортската сала „Младост“ тренираме во малата школска сала и во теретана. Условите се тие, времето е екстремно ладно, меѓутоа ние и немаме некој посебен избор со оглед на тоа што на 21. јануари нè чека многу важен натпревар против Вардар“ – вели предводникот на Пелистер, Зоран Петковски.
Пелистер забележа три победи досега и е на делба на петтото место на табелата во Првата лига, со Струмица. Местото гарантира опстанок, но битолчани ќе мора да продолжат да се борат за задржување на истото. Петковски посакува да доведе уште едно засилување до крајот на преодниот рок, но завршниот збор го има раководството на клубот.
„Правиме напори да се донесе уште еден доста квалитетен Американец на позиција 2-3. Во преговори сме и чекаме зелено светло од управниот одбор за да го комплетираме трансферот. Ако тие се согласат да донесеме уште еден играч тоа ќе значи многу за нашата екипа што значи ќе бидеме чекор поблиску до опстанок во Првата лига“ – дополни кормиларот на битолчани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА