Стратегот на Куманово, Александар Петровиќ, има причина за задоволство откако неговиот тим одигра одличен натпревар на гостувањето во Гевгелија, вторпат сезонава успевајќи да го совлада најпријатното изненадување Блокотехна. Кумановци одиграа импресивно во последната четвртина во која постигнаа 37 поени, правејќи целосен резултатски пресврт и стигнувајќи до значајна победа во битката за четвртото место на табелата.
„Морам да бидам задоволен од играта, пред се во последната четвртина во која делувавме перфектно и во нападот и во одбраната. Во првото полувреме промашувавме зицери, имавме и проблеми со контрола на скокот, штом ги решивме тие проблеми веднаш делувавме подобро во остатокот од мечот. Во четвртата четвртина буквално се во нашата игра функционираше беспрекорно, инсистиравме на долги напади, но и секогаш имавме решение, создавајќи им огромни проблеми на домаќините во одбраната. Морам да бидам задоволен кога на гостински терен ќе надиграме квалитетен противник како Блокотехна“ – изјави Петровиќ.
Куманово во последното коло од Првата лига ќе го пречека тимот на Гостивар, меч што е значаен во трката за четвртото место на табелата. Управата на кумановци донесе одлука влезот за овој натпревар да биде бесплатен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА