Петровиќ: Ние сме МЗТ, секогаш одиме на победа

МЗТ Скопје со победа над ТФТ во денешниот Суперкуп „Драган Василов – Цевка“ (19 часот и 30 минути) ќе има шанса да ја продолжи доминацијата во престижното натпреварување и новата сезона исполнета со бројни предизвици меѓу кои и АБА лигата да ја започне со нов трофеј во своите витрини.

За аеродромци ова ќе биде прв официјален натпревар во сезоната, а на истиот „сино-белите“ влегуваат по пет победи и само еден пораз во подготвителниот дел. Предводникот на „штрковите“, Александар Петровиќ очекува добар натпревар проследен во добра атмосфера.

 „Очекувам еден добар натпревар пред се, добро отворање на сезоната. Сакам полна сала, да биде добра увертира за она што ни следи. Оваа година МЗТ го чека доста тешка сезона, пред се во АБА-лигата, затоа што ќе имаме доста обемен календар. И покрај некои ситни проблеми мислам дека во Суперкупот ќе се претставиме како што треба. Ние сме МЗТ, влегуваме како шампиони и фаворити. Променивме доста од странците, домашниот ростер остана ист. Мислам дека тимот е со слична физиономија како и лани. Одлучивме малку да го подмладиме тимот со годините, затоа и ги направивме промените. Пред нас е доста тешка сезона, но целите на МЗТ остануваат исти – да се напаѓа секој домашен трофеј, додека во АБА-лигата ќе се бориме за подобри резултати. Главна цел е да се опстане во лигата и да се фати еден континуитет како претходните години.

ТФТ сигурно е екипа за респект, пред сè, има добар ростер на домашни играчи и нови странци. Ланклан Андерсон им се врати во тимот, сигурно и дека со настапот во квалификациите за Лигата на шампионите покажаа дека имаат квалитет. Неслучајно беа и домаќини на турнирот, сигурно дека имаат и гледаат свои шанси. Очекувам еден добар дуел. Ние сигурно имаме поголемо искуство затоа што играме со години во континуитет во АБА и во АБА-2, така што очекувам генерално една добра сезона“, изјави искусниот Петровиќ.

Се вчитува...