Александар Петровиќ не го криеше задоволството откако Пелистер стигна до победа на премиерниот меч од АБА2 лигата, на домашен терен против Широки Бријег со 74-72.
Битолчани беа подобар ривал во текот на целиот меч, но со невнимание во завршницата му дозволија на противникот да се врати, за во неизвесен финиш сепак да стигнат до триумф.
„Сигурно не требаше да дозволиме да има драма, кога веќе на четири минути до крајот имавме плѕс 13 и наш напад. Сепак, брзоплетоста на нашите играчи придонесе предноста брзо да се истопи. Се влезе во неизвесна завршница, но и во тие последни секунди имавме контрола над резултатот… Им честитам на моите играчи кои дадоа се од себе, од прв до последен кои влегоа на терен и дадоа свој придонес. Мечот се одигра во еден одличен амбиент, вистински спектакл, верувам дека на следниот натпревар ќе имаме уште повеќе публика…“, вели Петровиќ.
Искусниот стручњак е свесен дека вистинските предизвици допрва претстојат, но не крие дека очекува формата на тимот да продолжи да се крева како што ќе минува времето.
„Среќен сум, ова ни е прва победа сезонава, но немаме многу време, веќе викендов пред нас е и првото коло од Супер-лигата и дуелот со Тиквеш во Кавадарци. Одиме од натпревар во натпревар, јас верувам дека на секој нареден меч ние ќе играме подобро и подобро, екипата е нова и нормално е да ни е потребно време за целосно воигрување. Во секој случај, ова е една голема победа, историски триумф за Пелистер во Битола“, задоволен е Александар Петровиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА